Kако да се погрижите за вашите собни растенија додека сте на летен одмор

City Flowers Skopje

Периодот на летни одмори е веќе започнат и претставува одличен начин да се одмориме и релаксираме. Но, од друга страна тоа значи дека нема да бидеме во можност да им посветиме внимание и љубов на нашите растенија во иста мера како што тоа го правиме секојдневно. Бидејки се што сакаме е да се вратиме во нашиот дом исполнет со среќни и здрави растенија, во продолжение ви предлагаме неколку совети како да се погрижите за нив додека сте на летен одмор:

1. Најлесен и најчесто користен начин е да го прашате вашиот сосед, член на семејството или пријател да ги наводнува додека сте на одмор. Ако сакате да бидете сигурни дека вашите растенија ќе добијат добра нега, секогаш проверете дали давате јасни инструкции. Доколку имате само мали растенија, исто така можете да размислите и да ги однесете кај вашиот сосед, член од семејството или пријател.

2. Поставете ги растенија во посвежите простории од вашиот дом, подалеку од директна сончева светлина, така што тие нема брзо да се исушат. Воедно можете да ги поставите едно до друго со што ќе им овозможите да ја задржат влажноста подолг период.

3. Направете свој систем за наводнување. Потребна е малку работа, но овој метод е всушност многу ефикасен. Наполнете кофа со вода и ставете ги растенијата околу неа. Земете една мала памучна ткаенина и ставете ја од едната страна во саксијата, а од другата страна поставете ја во водата од кофата. Пред да го направите ова оставете ја памучната ткаенина да одстои во водата еден час. Овој систем на наводнување функционира така што памучната ткаенина ја впива водата и ја пренесува во саксијата со растението. За мали растенија е доволна помала ткаенина, а за поголеми растенија може да ви бидат потребни две или три поголеми памучни ткаенини. Ако имате повеќе растенија ќе ви бидат потребни и повеќе кофи со вода.

4. Поставете ситни камчиња во тацната на секоја саксија. Наполнете ја тацната со вода до врвот и одозгора поставете ја саксијата со растението. Водата ќе му дава влажност на растението.

5. Одстранете ги сите цветови од растението и од саксијата. На овој начин на растението ќе му биде потребно помалку вода, а воедно ќе ја намалите и можоста да се развијат бактерии и болести додека не сте дома.

6. Поставете листови од хартија или весници на дното од кадата и одозгора поставете ги растенијата. Пуштете ја водата се додека хартијата не се намокри целосно. Затворете ја завесата или вратата од кабината.

7. Поставете листови од хартија или весници на површината на секоја саксија. На овој начин ќе го намалите испарувањето на водата од растението.

Ако сакате да споделите ваше искуство или дополнителен совет како да се грижиме за нашите растенија додека сме на летен одмор слободно пишете ни на info@cityflowers.mk и истиот ќе ни биде задоволство да го споделиме со нашите драги читатели.

 

 

 

Последни објави

Порачај букет до 14:30 за испорака истиот ден!

Совети за одгледување и промоции?