Симболика и Значење на Боите на Розите

City Flowers Skopje

Дел 1: Црвени Рози, Која е нивната симболика и кои се најсоодветните пригоди за да ги подарите

 

Црвените рози се универзален симбол на љубовта и страста и се несомнено најподаруваните цвеќиња. Токму и поради оваа причина нивната цена може да порасне и до 200 проценти во одредени периоди, особено во периодот околу денот на вљубените Св.Валентајн.
Покрај црвените рози често се подаруваат рози и во други бои, кои имаат своја симболика и значење помалку познато на купувачите.


Рози во разни бои

За таа цел, во оваа статија, како и во наредните кои ќе следат, би сакале да ве запознаеме со симболиката на боите на розите и соодветните пригоди во кои можете да ги подарите. Во овој дел ќе се запознаеме со симболиката на црвената роза и нејзиното значење како подарок.

 

Концептот на подарување рози и нивното симболично значење


Концептот на подарување цвеќе со симболично значење постоел уште од античките времиња, но популарноста на изразување чувства и емоции со помош на цвеќињата и нивните бои, својот врв го достигнува во западниот свет во времето на Викторијанската ера.
Таканаречените ‘Цветни Изразувања на Чувства’ или пак исто така познати и како “Цветни Реченици” биле користени од страна и на мажите и на жените, кои се труделе да ги изберат најсоодветните цвеќиња за подарување или пак прикажување и носење на себе пред останатите.

 

Портрет од Кралицата Викторија со Цветен Венец

Секој цвет добил свое значење во зависност од видот и бојата. За разлика од црвената роза која била симбол на љубовта и останатите бои добиле свое значење, а во некои случаи и сосема спротивно од она на љубовта.

 

Симболиката на црвените рози


Црвената роза е симбол на убавина, страст, желба и романтична љубов, и од таа причина таа е најпопуларната боја на роза, особено кога таа се подарува на некому. Црвената роза е поврзана со Божицата на љубовта Афродита.
Митот вели дека таа ја повредила ногата на трн од бела роза трчајки кон нејзиниот ранет љубовник - Адонис. Нејзината крв ги обоила белите рози во црвена боја, претворајќи ја црвената роза во симбол на неверојатна страст и романтична посветеност.

За тоа дека црвените рози будат чувство на страст и романтика говори и легендата за Клеопатра, која вели дека таа го завела својот љубовник Марк Антониј во својата соба која била целосно прекриена со ливчиња од црвени рози.
Токму и затоа постелата прекриена со ливчиња од црвена роза претсавува симбол за страст и љубов и е дел од многубројни романтични филмски сцени.

Во 18-от век, розите се користеле и како средство за комуникација помеѓу љубовниците, кои во тогашното општество биле принудени своите чувства да ги чуваат во тајност. Во овој период црвената роза станала симбол на вистинска и искрена љубов која можела да ги надмине сите пречки и далечини.

Секако и бројот на розите има одредена симболика. Една роза значи посветеност и лојалност е и совршен подарок за вашиот партнер, додека сноп од десетина и повеќе црвени рози отворено и гласно изјавуваат љубов и е прекрасен начин да оставите силен впечаток на некому кој ви се допаѓа.

Црвена Роза

 




Пригоди за кои црвените рози се вистинскиот подарок


Денот на Вљубените или попознат како Св. Валентајн е секако најпопуларната пригода во која што црвените рози се вистинскиот подарок. Но, исто така имајте на ум и дека е период во кој што цената на розите се зголемува повеќекратно, во зависност од тоа каде ги купувате – нивниот квалитет неретко е понизок а исто така подарувањето на црвени рози токму на овој ден станува помалку и клише.
Доколку не сте стопроценто сигурни дека личноста на која ќе и ги подарите е страствен обожавател на црвените рози, можеби е и подобро да одберете некој друг подарок или цвеќе, а розите да ги оставите за следната пригода.

Свадбени букети и бидермаери. Поради нивната симболика на вечна и страсна љубов, црвените рози се секако незаменлив дел и од сите бидермаери и свадбени букети.
Иако се почесто бидермаерите се прават од најразлични видови на цвеќиња, доколку сакате вашиот букет да има и некаква симболика употребете барем една или неколку црвени рози во него. И секако, без разлика на модните трендови, свадбен букет составен само од црвени рози е безвременски и никогаш нема да биде погрешен избор.

Годишнини, родендени на саканата и други романтични пригоди. Подарок во вид на букет од црвени рози е нешто со кое што никогаш неможе да погрешите.

Букет од Црвени Рози

 

И секако најубавиот момент кога можете да подарите црвена роза е – без причина и конкретен повод, туку едноставно, од љубов. Ова воедно ќе биде и највпечатливиот момент кога можете некого бескрајно да израдувате.

Последни објави

Порачај букет до 14:30 за испорака истиот ден!

Совети за одгледување и промоции?